Денес изменет сообраќај кон Водно поради спортско-рекреативниот настан

Денеска во Скопје се одржува 14-тото издание на спортско-рекреативниот настан „Прв до врв“, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ – Скопје.

Поради одржувањето на настанот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје воведе посебен режим на сообраќај. Сообраќајот се пренасочува по околните сообраќајници.

Во рамки на настанот, со почеток во 09:45 часот се одржува велосипедска трка.

Трасата започнува пред Музејот на град Скопје. Потоа учесниците се движат по улицата „Св. Кирил и Методиј“, лево по булеварот „Св. Климент Охридски“, право по булеварот „Мајка Тереза“, па лево по улицата „Тодор Александров“.

Движењето продолжува по локалниот пат кон Средно Водно и до врвот на Водно кај Милениумскиот крст.

Планинарска тура со старт кај ООУ „Кочо Рацин“

Со почеток во 10 часот се одржува и планинарска тура. Стартната точка е пред основното училиште „Кочо Рацин“ на булеварот „Мајка Тереза“.

Учесниците продолжуваат по улицата „Тодор Александров“, а кај улицата „Салвадор Аљенде“ се движат десно по планинската патека кон Средно Водно и понатаму кон Милениумскиот крст.

Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници на сообраќајниците каде се одвива настанот, со цел негово безбедно и непречено одржување.