Само по себе е голем скандал тоа што непосредно пред да си замине од функцијата министер за здравство, Венко Филипче префрлил повеќе од 2,5 милиони евра на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, која со години го „гради“ Клиничкиот центар во Штип, инвестицијата што беше најавувана како гордост на владата на Зоран Заев. Болницата требаше да биде готова во 2019 година, па во 2021 година и сега се спомнува крајниот рок, 2022 година. А објектот е далеку од финишот.
Уште поголем скандал е тоа што само два дена пред да го напушти министерското место, поточно на 17 јануари 2022 година, Филипче префрлил 56 милиони денари на контото на „Интракат“, а претходно, на 3 и 7 декември 2021 година, уште 100,4 милиони денари. За да се извршат овие три експресни уплати, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје на 4 ноември 2021 година донел решение (ППНИ-673/21) со кое се одлага извршувањето против „Интракат“ на период од 90 дена. Упатените велат дека ова е сторено по ургенција на тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
Зошто е толку важна фирмата „Интракат“?
За какво извршување станува збор? Компанијата „Бетон Штип“ и уште 600 други македонски фирми, врз основа на неплатени времени ситуации за извршени градежни работи и фактури за испорачани градежни материјали за изградба на Клиничката болница во Штип, од „Интракат“ побаруваат 2,5 милиони евра. Грчката компанија тие пари си ги зела од македонската држава. Основниот суд уште во февруари 2020 година во Штип ја блокирал сметката на „Интракат“ на таа сума и почнала постапката за присилно извршување. Но, наместо македонските компании и работници да си ги добијат заработените пари, 15 месеци по деблокадата се носи решение за привремена деблокада, со цел Филипче експресно да ја наполни касата на „Интракат“, во деновите кога знае дека веќе нема да биде министер, ризикувајќи за оваа постапка да добие и кривична пријава.
И тука доаѓаме до клучното прашање – зошто е направена оваа скандалозна махинација? Кому и зошто му е толку важна фирмата „Интракат“? Засега на овие прашања нема прецизни одговори, но се раѓаат нови, симптоматични прашања.
Плусинфо пред една година го постави прашањето дали сево ова има врска со фактот дека претседател на бордот и најголем акционер на „Интракат“ од 2018 година е Димитрис Коутрас, кој претходно ѝ е добро познат на македонската јавност по аферата „Актор“? Се сеќавате, станува збор за спектакуларен случај, во кој беа спомнувани корумпирани македонски политичари, како и вадење пари во кеш од филијалата на една скопска банка во Неготино.
Македонската јавност треба да знае која е компанијата „Интракат“ и кој е Димитрис Коутрас. Доминантната сопственичка структура во оваа компанија е речиси иста како и онаа на грчки „Актор“, кој ги доби тендерите за изградба на патишта во Македонија од преку 250 милиона евра. Иако тогаш „Актор“, како изведувач, ги наплати парите од Министерството за транспорт и врски како инвеститор, се повлече од Македонија, а стотици домашни правни субјекти останаа со ненаплатени побарувања и десетици од нив отидоа во стечај.
Се повторува ли сега историјата и со проектот „Клиничка болница Штип?
Дали во нашата земја постои компанија во која нема ниту еден вработен, а има тендер за изградба со пари од Европската банка од 42 милиони евра? Дали и колку данок по основ на плати нема платено „Интракат“? Треба ли ова да го испита Управата за јавни приходи?
Дали банкарската гаранција за добивање на тендерот во 2016 година била издадена од „Бетон Штип“ или од „Интракат“? Дали „Интракат“ и додека бил „Бетон Штип“ во стечај, спротивно на законските прописи, до септември 2019 година користел банкарска гаранција од 3,5 милиони евра издадена од „Бетон Штип“, како гарант, преку Комерцијална банка Скопје? Дали е ова законски? Треба ли ова да го испита Финансиската полиција?
Дали е вистина дека веднаш штом го раскинал договорот со „Бетон Штип“, изведувачот „Интракат“ побарал анекс на договорот од 7 милиони евра,(35 милиона е основниот со нормално машинство и електрика), за нов проект за машинство и електрика? Дали има таков нов проект и кој е проектант на тој нов проект, да не е случајно фирма поврзана со изведувачот? Дали има договор и со кого е склучен тој договор? Дали е вистина дека договор за надзор не бил потпишан повеќе од две години? Дали во претходниот проект немало машинство и електрика?
Кој ќе ги заштити интересите на македонските работници?
Бившиот премиер и други министри од претходната влада, треба да објаснат, а треба да бидат и прашани од надлежните институции, какви и за што биле тие фамозни и скандалозни уплати во декември-јануари, кога сите се спремаа за примопредавање на функциите. Зошто на Филипче, министер во заминување, токму во тие денови му било толку многу важно да ги исплати парите?
Во одбрана на неговиот великодушен гест се тврди дека тој имал право да ги плати парите според договорот меѓу државата и „Интракат“ и дека има нови подизведувачи кои чекаат да бидат исплатени за работи кои ги завршиле во меѓувреме. Се вели и тоа дека не било работа на Филипче да се меша во тоа како „Интракат“ ќе ги троши парите што ги добива од државата и каде ќе завршат тие, а најмалку во спорот меѓу Грците и „Бетон Штип“. Извор на Плусинфо тврди дека тоа сепак не е логично и дека државните функционери коишто располагаат со народните пари треба да се грижат каде и како ќе бидат употребени, каде ќе завршат и дали ќе ја исполнат целта за која се наменети.
Затоа, ќе го поставиме истото прашање што го поставивме точно пред една година – треба ли некој во оваа држава да се запраша зошто никој ништо не презема за да ги заштити интересите на македонските работници, на македонските доверители кои чесно работеле, а не го наплатиле својот труд? И кој овде си поигрува со судбините на луѓето и на компаниите во нашата земја?