Предлог законот предвидува построги казни за конкретни кривични дела, построги предуслови за условно пуштање од затвор на осудените, како и одново враќање и проширување на кривичното дело за подметнување пожар, експлозија, поплава, итн .
За убиства, групни силувања, силување на малолетници, велепредавство, смрт по силување и смрт по кражба, единствената казна е доживотен затвор, наместо досега, кога имаше опција и 15 години затвор.
За сериозни телесни повреди, предизвикување трајна деформација и инвалидитет, максималната затворска казна може да биде до 15 години, наместо десет како што беше досега, а осудените потешко ќе излегуваат од затвор.
Паралелно се зголемуваат казните за сексуално насилство, инцестот повторно е кривично дело и ќе се казнува со пет до десет години ако е од родители врз деца или баби и дедовци врз внуци, а предвидени се построги казни и за трговија со луѓе.
Во однос на животната средина, предвидена е доживотна затворска казна за подметнувачите на пожарите, во случај на смрт на само едно лице во пожарот.
Подметнувањето пожар станува кривично дело со осум години казна затвор, доколку биде предизвикана еколошка катастрофа, казната може да достигне до 15 години, а предвидени се потешки казни за несовесен риболов и риболов во грчките територијални води.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку неговиот официјален Фејсбук профил коментираше дека „Грција добива современ и ефикасен Кривичен законик“.
-Државата ги исправа грешките од минатото, воведувајќи построги казни за сегашните кривични дела. А со повеќе од 150 промени се справува со заканите по живот и слободи, но и на штета на животната средина, напиша Мицотакис.
Новиот Кривичен законик е ставен на јавна консултација, а според министерот за правда на Грција, целта на промените е безбедноста на граѓаните, организација на системот на подобар начин и справување со нови кривични дела или сериозен криминал.