Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција. Ова е главниот заклучок од панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, организирана во рамките на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, во организација на Стопанската комора и УНДП.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочи дека државните системи во овој момент се расцепкани и распределени на повеќе од 40 локации низ Скопје, што носи сериозни ризици за секојдневното работење на институциите.

„Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги“, рече Андоновски.

Тој дополни дека проектот за национален дата-центар веќе е наведен како индикативен проект во планот за раст на Европската Унија и во рамките на реформската агенда, при што тековно се разгледуваат сите опции за негово дополнително финансирање.

Зборувајќи за експанзијата на вештачката интелигенција, министерот нагласи дека земјите што нема навреме да развијат сопствени капацитети ќе останат силно зависни од странски технолошки гиганти и туѓа инфраструктура.

„Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети“, истакна Андоновски.

Државата веќе презема чекори за обезбедување пристап до капацитети за вештачка интелигенција преку регионални иницијативи и поддршка од Европската Унија, но долгорочната стабилност бара домашна инфраструктура. Министерот оцени дека развојот на дата-центри претставува голема прилика за странски инвестиции, пренос на технологии и ангажирање на домашните информатички инженери. Земјата годишно продуцира речиси илјада ИТ-инженери кои можат да се специјализираат за облачни технологии, кибербезбедност и управување со податочни центри. Анализите лоцираа поволни локации во напуштени фабрички погони и близу индустриските зони во Скопје и Охрид, а подрачјето околу Неготино е оценето како особено погодно.

Претставникот од „Ултра“, Петар Пешев, напомена дека јавноста честопати ги меша различните типови дата-центри, иако тие значително се разликуваат според технологијата и влијанието врз животната средина. Тој подвлече дека мора строго да се разграничат стандардните дата-центри од центрите за вештачка интелигенција, бидејќи вторите трошат многу поголеми количества електрична енергија и бараат сложени системи за ладење.

„Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип на дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти“, појасни Пешев.

Пешев подвлече дека покрај економските бенефити, центрите за податоци штитат чувствителни информации во секторите како осигурувањето и јавната управа, каде законски се бара податоците да останат локално. Развојот на домашни капацитети за чување и обработка на податоци претставува клучен чекор за успешна дигитална трансформација.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека темите поврзани со новите технологии, индустријата и екологијата не смеат повеќе да се игнорираат и дека е нужен отворен општествен дијалог за идниот развој на економијата.

„Прашањата за индустријата и екологијата мора да се соочат во еден момент и да добијат јасен став. Без таква дебата не можеме да одиме напред и да креираме политики што ќе бидат значајни за идниот развој на државата“, нагласи Азески.

Според Азески, стопанствениците се свесни за светските технолошки движења, при што врвни приоритети остануваат борбата против сивата економија и корупцијата, гасификацијата, растот на извозот и регионалното поврзување. Тој порача дека преку координација меѓу бизнисот, државата и странските партнери може да се создаде повисок животен стандард и поголема економска конкурентност.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, посочи дека зелената транзиција треба да се сфати како шанса за модернизација, поголема отпорност и нови инвестиции, а не како товар за стопанството. Тој додаде дека приватните компании се клучни двигатели преку вложувања во иновации, чисти извори на енергија и енергетска ефикасност за исполнување на климатските цели.

Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, подвлече дека еколошката одржливост оди рака под рака со остварувањето долгорочен профит на пазарот. Нупнау истакна дека усогласувањето со стандардите на ЕУ ќе им овозможи на македонските компании подобра интеграција во европските синџири на снабдување.

„Без одржливост нема траен профит. Компаниите што навреме ќе инвестираат во енергетска ефикасност, иновации и зелени технологии ќе бидат поотпорни, поконкурентни и попривлечни за инвеститорите“, истакна Нупнау.

Нупнау потсети дека Европската Унија обезбедува континуирана поддршка за приватниот сектор преку ИПА-фондовите, зелените финансиски инструменти и експертската помош во процесот на прилагодување кон европската регулатива.