Мајка сведочеше за ноќта што ѝ го одзеде синот

Со потресно сведоштво на Марија Петрушева, мајка на загинатиот 24-годишен Андреј, денеска во Идризово продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 63 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Петрушева пред судот детално ја опиша кобната ноќ, посочувајќи дека нејзиниот син последен пат се јавил околу 18:30 часот, кажувајќи дека е преморен. Андреј работел во ресторан и планирал повторно да замине на работа во Хрватска.

Сирени, пламен и безуспешна потрага

Таа сведочеше дека околу 2:45 часот по полноќ ги слушнале првите сирени и забележале пожарна кола која се движела кон излезот од градот. Од терасата, заедно со сопругот, го виделе осветленото небо во правец на дискотеката „Пулс“, знаејќи дека таму се одржува концерт на ДНК. Веднаш почнала да им ѕвони на синовите, а на Андреј му испратила порака на Инстаграм во 3:10 часот, која и денес останала непрочитана.
Семејството се упатило кон дискотеката, каде затекнале хаос, стотици луѓе и пламен кој веќе го зафаќал објектот. Додека сопругот влегол внатре во потрага по децата, Петрушева на паркингот ги превртувала настраданите, надевајќи се дека нема да го препознае својот син.

Болницата како последна надеж

Во сведочењето, таа раскажа дека добила надеж кога ѝ било кажано дека Андреј имал слаб пулс и бил однесен со амбулантно возило. Во кочанската болница, сцените ги опиша како ужасни, со ходници полни со изгорени и исцрнети тела. Таму го пронашла помладиот син Кристијан, кој ѝ кажал дека не успеал да го спаси брат му.

Во собата каде лежел Андреј, таа до последен момент верувала дека е жив, но лекарот ѝ соопштил дека тој и уште три деца веќе починале. Петрушева истакна дека Кристијан, кој повеќепати се враќал во дискотеката за да спасува други, по трагедијата има сериозни здравствени и психички последици.
Своето сведоштво таа го заврши со зборовите дека нејзиниот живот е засекогаш уништен и со прашањето зошто трагедијата не можела да биде спречена.

Целосно веста може да ја прочитате ТУКА.