ВМРО-ДПМНЕ најави поттик за домашно производство преку кампања, мерки и раст на извозот од 57 милиони евра
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата „Македонско најдобро: Наша традиција, наша гордост“. Целта на кампањата е поттик за домашно производство, просперитет на руралните средини и подигнување на свеста кај граѓаните. Се промовира автентичноста и квалитетот на македонските земјоделски производи и преработки. Новото лого на иницијативата ги симболизира сонцето и плодната почва како симбол на можностите за локално производство.
Во изминатиот период, според ВМРО-ДПМНЕ, расте извозот на земјоделски производи.
„Споредувајќи ги првите пет месеци од 2024 година со истиот период во 2025 година, бележиме раст од над 50 проценти. Тоа е апсолутен раст од околу 57 милиони евра, што е сериозен економски резултат“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата додаваат дека Македонија извезува повеќе храна од порано, што покажува дека земјоделството оди во вистинска насока.
„Очекуваме овој тренд да продолжи и Македонија во следните години да стане извозно ориентирана земја во областа на храна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според истото соопштение, владините мерки во земјоделството даваат конкретни резултати.
„Земјоделците конечно имаат партнер во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ја враќаме гордоста кај македонскиот земјоделец. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, стои во заклучокот.