Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, по средбата со градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан, изјави дека ќе нареди распоредување на поголем број полицајци во француските градови пред најавените протести во сабота.
„Ќе распоредиме многу значајни полициски сили, кои во секој случај ќе бидат побројни отколку минатата сабота“, рече Нуњез, пренесува „Фигаро“.
„За време на насилството и грабежите во Марсеј, можеше да има и до 10 или 15 жаришта истовремено, со групи од понекогаш и по 200 луѓе, па затоа е очигледно исклучително тешко да се стават под контрола“, рече министерот Нуњез.
Официјални лица соопштија дека во Марсеј, вториот по големина град во Франција, 500 продавници биле цел на изгредници, при што 317 од нив биле оштетени или ограбени.
