Апелациониот суд ги зголеми затворските казни за сите 13 осуденици од Велес во случајот со сексуално злоставување и силување на 14-годишно девојче, откако првостепената пресуда предизвика силни реакции поради ниските санкции.
Со новата одлука, казните се зголемуваат во однос на пресудата донесена во ноември 2024 година од Кривичниот суд, кога на обвинетите им беа изречени затворски казни под законскиот минимум за делата.
Првообвинетиот Стефан Димовски, кој во меѓувреме избегал од куќен притвор, е осуден на осум и пол години затвор, наместо првичните пет и пол години, а му е определен и ефективен притвор во отсуство.
Второобвинетиот Дејан Спасиќ доби казна од шест и пол години затвор, наместо претходните четири години.
Кај трето и четвртообвинетите, казните се зголемени од четири на осум и пол години, односно на седум и пол години затвор. Четвртообвинетиот, како што се наведува, бил фатен при прекршување на куќниот притвор и ќе издржува ефективна затворска казна.
За останатите осуденици, казните се движат од една до шест години затвор.
Првичната пресуда предизвика бурни реакции во јавноста, бидејќи казните беа под законскиот минимум за ваков вид кривични дела.
