Пожарникарските екипи и натаму се обидуваат да ги изгаснат пожарите во Манавгат од земја и до воздух, а жителите со црева се обидуваат да спречат огнот да се доближи до нивните домови.

-Ова е се што можеме да направиме. Се обидуваме да спречиме пожарот да дојде. Ако огнот дојде до нашите куќи ќе изгориме. Овде доживуваме пекол, вели локалниот жител Мехмет Али Арслан.

Со маици и останати ткаенини тие ги прекриваат лицата за да избегнат последици од вдушување на димот.

Штабот за катастрофи и вонредни ситуации известил дека Министерството за здравство во зафатената област има испратено 19 возила на Итната помош, шест припадници на спасувачките екипи и мобилно командно возило.

Во напорите за гаснење на пожарот вклучени се еден авион, еден дрон, 19 хеликоптери, 192 пумпи за вода, 960 луѓе и 30 возила за снабдување со вода.

Населението се евакуира, а многу куќи, фирми, земјоделско обработливо земјиште и возила се оштетени. Подготвен е и капацитет за сместување на 1.300 лица доколку за тоа има потреба.