Брза интервенција спречи поголема штета во Клиничката болница – Битола
Вчеравечер тревна површина во кругот на Инфективното одделение при Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола беше зафатена од пожар, но благодарение на навремената реакција на Територијалната противпожарна единица – Битола, огнот беше брзо локализиран.
На терен излегоа и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со директорката на болницата, д-р Ненси Лозанче, кои ја следеа состојбата на лице место.
„По добиената информација за опожарена тревна површина во кругот на Инфективното одделение при КБ ‘Д-р Трифун Пановски’, заедно со директорката д-р Ненси Лозанче излеговме на терен каде ТППЕ Битола веќе интервенираше и ја локализира и угасна опожарената површина. Со брзата интервенција на противпожарната единица и поддршка од обезбедувањето на болницата, спречено е ширење и опожарување на околните објекти и не е причинета материјална штета“, изјави Коњановски.
Пожарот целосно изгаснат, нема опасност
Командирот на ТППЕ Битола, Христијан Тодовски, потврди дека ситуацијата е ставена под целосна контрола.
„Пожарот е изгаснат и нема никаква опасност. Горела е сува трева“, изјави Тодовски.
Благодарение на брзата реакција и координацијата меѓу институциите, спречена е можноста за поголема опасност во еден од клучните здравствени објекти во градот.