Жителите и посетителите на пет села на грчкиот остров Парос добија предупредување за превентивна евакуација поради пожарот што избувна во јужниот дел на островот. Преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за напуштање на погодените подрачја, додека противпожарните сили се засилуваат со екипи од Атина и соседните острови, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот гори отпад и ниска вегетација, а погодената област не е густо населена, туку во неа има само расфрлани куќи. Сепак, поради ширењето на огнот, првично беше побарано од жителите и посетителите од пошироките подрачја на четири населени места да се евакуираат, а подоцна предупредувањето беше проширено и на уште едно село.

На терен се ангажирани десет пожарникари со пет противпожарни возила. Меѓу нив се и двајца пожарникари со едно возило кои со траект пристигнале од соседниот остров Наксос. Во гаснењето од воздух учествуваат три хеликоптери и девет авиони, а дополнителна поддршка обезбедуваат доброволци и цистерни на општината.

Паралелно со акцијата за гаснење, на островот со хеликоптер за координација е упатен заменик-началникот на Противпожарната служба. Со друг хеликоптер се транспортираат седум пожарникари кои треба дополнително да ги зајакнат копнените сили.

Дополнителни екипи се испраќаат и со брод на Крајбрежната служба од островот Сирос кон Парос. Со нив патуваат регионалниот командир на противпожарните служби за островите од јужниот дел на Егејското Море и уште шест пожарникари.

Планирано е на островот дополнително да пристигнат и двајца пожарникари со едно возило од Сирос, четворица пожарникари со две возила од Наксос, како и десет пожарникари со пет возила од Мобилната специјална единица за противпожарни интервенции од атинското пристаниште Пиреас.