До 18 часот денеска на територијата на државата се евидентирани осум пожари на отворен простор. Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), еден пожар е активен, два се ставени под контрола, а пет се целосно изгаснати.
Активен останува пожарот во Општина Старо Нагоричане, на атарот меѓу селата Степанце и Добрача, каде што гори сува трева и ниска шума.
Под контрола се два пожара. Едниот е во Општина Василево, кај селото Доброшинци, каде што гори депонија, а вториот во Општина Босилово, кај селото Штука, каде што огнот зафатил депонија и нискостеблеста шума.
ЦУК соопшти дека во текот на денот целосно се изгаснати пет пожари. Тие биле регистрирани покрај автопатот Тетово–Гостивар, во близина на селото Врбјаниште во Општина Гостивар, каде што горела ниска вегетација, како и покрај локалниот пат од селото Новаци кон месноста Ергела, кај ФЕЦ Новаци во Општина Новаци, каде што била зафатена ниска вегетација.
Изгаснати се и пожарите во атарот на селото Бели во Општина Кочани, каде што гореле сува трева и диви депонии, на улицата „Мајка Тереза“ во Струмица, како и на улицата „Западен Булевар“ во Кавадарци, каде што биле зафатени сува трева и хаварисани возила.
