Големиот пожар што избувна меѓу штипските села Долани и Љуботен е ставен под контрола, но надлежните екипи и натаму внимателно ја следат состојбата на теренот.
Пожарникарите утринава продолжија со интервенциите на критичните места каде што сè уште се забележуваат чад и активен оган во веќе опожарениот простор.
Екипи дежураат поради опасност од повторно разгорување
Командирот на Територијалната противпожарна единица – Штип, Благој Ренџов, информира дека на терен е испратена нова екипа, која ќе дежура најмалку до 15 часот.
Најголем проблем претставува непристапниот терен, бидејќи пожарот се наоѓа во подлабок дел до кој пожарникарите тешко пристигнуваат. Дополнителен ризик се високите температури во пладневните часови, кои би можеле повторно да го разгорат огнот.
Опожарени до 30 хектари, зафатена и борова шума
Според првичните проценки, пожарот зафатил површина од 20 до 30 хектари нискостеблеста вегетација, како и дел од квалитетна борова шума.
Во вчерашната интервенција учествувале 18 професионални пожарникари, 14 доброволци и жители на селото Долани.
Во гаснењето бил вклучен и авион „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кој двапати исфрлил вода врз опожарената површина.
Повреден жител додека помагал во гаснењето
Од Центарот за управување со кризи информираа дека еден жител на селото се здобил со изгореници на нозете додека помагал во гаснењето на пожарот. Тој бил пренесен и хоспитализиран во Клиничката болница во Штип.
Со тешка градежна и земјоделска механизација биле направени заштитни засеци и земјени обрачи, со што било спречено ширењето на огнот кон куќите.
Ова е трет голем пожар во Штипскиот Регион за само неколку дена, поради што се повикува на зголемена внимателност.
