Мерки на терен и контрола на загадувањето

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изутрината на 14.09. информираше дека пожарот во Трубарево е ставен под целосна контрола.

„Нема активно горење, но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Преостанува да се дозатрупа уште дел од опожарената површина,“ рече Ангелов, објавувајќи и видео од местото на настанот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција доцна вечерта на 13.09. истакна дека пожарот избил во објект каде биле складирани електронски и пластичен отпад. Според него, батериите создаваат екстремно високи температури и го прават гаснењето исклучително тешко и ризично.

„Пожарот беше локализиран и нема опасност од негово проширување надвор од објектот, но и натаму е активен и гаснењето е во тек,“ изјави Тошковски.

Тој додаде дека Дирекцијата за радијациона сигурност не констатирала радијациско зрачење, додека специјализирана единица на Министерството за одбрана извршила мерења на квалитетот на воздухот.

„Во непосредна близина на пожарот има висока концентрација на штетни супстанци, на 200 метри од центарот загаденоста е ниска, а на 400 метри не е евидентирано присуство на загадување,“ истакна министерот.

За да се минимизира ризикот по здравјето на граѓаните, Министерството обезбедило евакуација и привремено сместување за оние во непосредна близина на пожарот. Во гаснењето се користела метода со ситен песок, препорачана за пожари во кои гори електронски отпад и батерии.

Министерот за здравство, Азир Алиу, потврди дека нема повредени или хоспитализирани, а Министерството за здравство дало препораки за заштита на најранливите групи – лица над 65 години, деца и бремени жени.

Директорот Ангелов нагласи дека пожарот можеби е резултат на хибриден напад, потенцирајќи дека денеска во Македонија избиле повеќе пожари во објекти со пластичен отпад, што не може да се смета за случајност.

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, информира дека инспекторите вршат мерења на квалитетот на воздухот и дека резултатите ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка. Тој апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за здравје и безбедност.