Точката на дневен ред предизвика дебата на повеќемина пратеници и од власта и од опозицијата, кои зборуваа не само за Договорот за заем туку и за проекти на поранешниот градоначалник на Скопје, но и за работата на актуелниот градоначалник Петре Шилегов, во контекст на претстојните есенски локални избори.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаа дека со ова задолжување од 70 милини евра ќе се финансира нереален проект, што треба да биде завршен во 2027 година и започнува со заем неколку месеци пред одржувањето на локалните избори. Овој заем 30 години ќе го плаѓаат граѓаните на целата земја. Проектот, како што рекоа тие, е изборно ветување на актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска е најнеспобниот прв човек не само на Скопје туку и на другите градови и рурални општини.

Стојановска ја критикуваше работата на Шилегов потенцирајќи дека не реализирал ништо од она што го ветил нарекувајќи го „кловн градоначалник“. Според неа, Шилегов се појавил на дебатата за реформи во основното образование, а не собрал храброст да дојде и да го брани овој проект.

Таа и нејзините колеги од опозициската партија обвинија дека градоначалниците на СДСМ немаат никакви резултати и затоа сега бараат нови задолжувања. За Стојановска, споредба меѓу поранешниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски и сегашниот Шилегов нема, односно тоа, како што кажа е, како штурецот и мравката.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски реагираше на говорот на Стојановска посочувајќи дека им се извинува на граѓаните поради нејзиниот вокабулар.

Реакција имаше и од страна на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски кој кажа дека Стојановска изнела лични навреди за градоначалникот на Скопје, кој не е присутен на седницата, како и дека зборувала за работи надвор од точката на дневен ред. Побара стенограм од седницата, и побара извинување од неа.

– Се повикуваат во сала да присуствуваат луѓе кои не можат да присуствуваат, ниту по Деловник ниту по Закон, ниту може да учествуваат овде во расправата по кој било основ, рече Митревски додавајќи дека никој досега не употребил термини како „кловнови“.

Од своја страна Стојановска, која е заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека зборувала за точката од дневиот ред, што ќе се докаже од стенограмите.

– Потпретседателот се извини во мое име. Нема потреба да се извинувате во мое име. Може да во ваше име да се извините на целиот македонски народ за сите криминали. Ние од оваа говорница ве нарекуваме за мафија од Влада. А за оној збор кој конкретно господинот Митрески кажа, што сум го употребила зборот кловн, да ќе се извинам ама на сите кловнови кои чесно си ја работат својата работа, рече Стојановска.

Диме Велковски од СДСМ ги праша пратениците од опозицијата дали вакво нешто му е потребно на Скопје, дека оценка и на невладиниот сектор е дека брз автобуски превоз му треба на Скопје, и оти за ова имало дебати и дека било заклучено дека ова е најдобро за главниот град.

– Ваков проект е потребен на Скопје и проектот е добар, рече Велковски.

Пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ реплицираше дека со ова ќе добијат и скопјани и сите што доаѓаат во градот, многу поекономично и поеколошки.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, заменик координаторка на пратеничката група го обвини Мисовски дека не му дал реплика на Бојан Стојановски, и побара снимка од тој дел од седницата.

– Пристрасно ги водите седниците, му рече Панова на Мисовски.

Продолжението на 25. седница е закажано за утре напладне.