Претседателката одржа предавање на Универзитетот во Љубљана
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на посетата на Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде што и докторирала.
Темата на предавањето беше „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, а на настанот присуствуваа професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова говореше за улогата на уставот како највисок правен акт и за уставните измени како механизам за промени во политичкиот систем и организацијата на власта.
Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 година до денес.
„Промените најчесто беа диктирани однадвор“
Претседателката оцени дека македонскиот устав, иако формално се смета за цврст, низ годините често бил менуван под надворешни влијанија.
Според неа, промените повеќе добивале карактер на уставен инженеринг отколку на вистински реформски процес во интерес на граѓаните.
Таа укажа и на непочитување на процедурите при носење на дел од уставните измени, што, како што посочи, ја нарушува легитимноста на решенијата.
Сиљановска-Давкова нагласи дека „sui generis“ уставните решенија ги ослабуваат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги зајакнуваат етничките лидери како арбитри во општеството.
Според неа, на Македонија ѝ е потребна модерна и функционална држава, компатибилна со европските демократски системи.

Критики за процесот кон ЕУ и дебата со студентите
Говорејќи за евроинтегративниот процес, претседателката посочи дека државата на патот кон Брисел често била соочена со услови поврзани со идентитетски прашања.
Таа оцени дека таквите барања не се во согласност со европскиот конституционализам и не треба да бидат услов за членство во Европската Унија.
Преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, пресуди на Судот за човекови права во Стразбург и ставови на професори по уставно и меѓународно право, Сиљановска-Давкова укажа на, како што рече, правната и политичката проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет.
Таа порача дека статус-кво состојбата треба да се надмине преку политичка и правна интерпретација во духот на европското право, без нови уставни инженерства и без, како што рече, „губење на енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи“.
По предавањето, претседателката одговараше на прашања од студенти, професори и амбасадори, по што следеше и дебата со македонските студенти и професори во Словенија.
