Силва и Вархеји вчера беа во дипломатска мисија во Скопје и Софија за да разговараат со официјалните претставници на двете земји за проширувањето на ЕУ и можноста за одблокирање на процесот со цел одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија.
Како дел од напорите за деблокада на евроинтегративниот пат на земјава, денеска во Скопје пристигнуваат и шефовите на дипломатиите на Австрија, Словенија и Чешка, Александер Шаленберг, Анже Логар и Јакуб Кулханек.
Премиерот Зоран Заев за предлог решенијата на Силва и Вархеји рече дека „имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија“.
Силва и Вархеји вчера пред премиерот Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на допломатијата Бујар Османи, ги презентираа предлог-решенијата за надминување на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија, кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.
– Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.
Тој смета дека е вистинскиот момент да се оди чекор понатаму, и час поскоро да се постигне договор во интерес на заедничката европска иднина, а тоа како што наведе, „го очекуваат и го бараат граѓаните на двете земји, го очекуваат Европејците, тоа а си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот“.
Заев им се заблагодари на Силва и Вархеји за ангажманот да им помогнат на Скопје и Софија да се реши проблемот.
– Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ, истакна Заев.
На средбата на претседателот Стево Пендаровски со Силва и Вархеји, било потенцирано дека е од исклучителна важност скорешното одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ.
На средбата се разговараше за можностите за напредок на Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на Советот на ЕУ следниот месец. Пендаровски и Силва разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Шефот на португалската дипломатија, пак, рече дека целта е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ.
-Навистина е мошне важно да се разговара лице в лице особено за вакви работи. Тоа се важни и клучни средби за дипломатската работа. Имавме навистина плодна работна средба и таа ни даде увид во позициите во интересите и во ставовите на Северна Македонија, а сметаме дека тоа ќе ни помогне во нашата работа со претседателствувањето, рече Силва во Скопје.
Според него, проширувањето како процес е навистина важен не само за земјите-кандидати, туку и за целата Европа затоа што токму тоа ќе ни овозможи безбеден, стабилен и просперитетен регион.
-Во тек е како што знаете португалското претседателство со ЕУ, и еден од на најважните процеси којшто е приоритетен за нас, секако е проширувањето. Тоа е навистина битно прашање за нас и во моментов имаме два тековни процеси и сме во очекување да ги одржиме првите меѓувладини конференции со С Македонија и Албанија, рече Силва.
Силва истакна оти очекува извесно унапредување и, како што рече, се надева дека ќе се успее да се подобри преговарачката рамка која што се однесува на Северна Македонија и на Албанија.
-Секако нашата цел во текот на нашето претседателство со Советот на ЕУ е да добиеме согласност од сите земји членки на ЕУ, за да ја започнеме преговарачката рамка со Република Северна Македонија и со Албанија, и да ја одржиме првата меѓувладина конференција и со двете земји, рече тој, додавајќи оти за нив било од голема важност да одржат политички консултации и во Скопје со македонските власти.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, за време на средбата со Вархеји и Силва во Софија, изјави дека проширувањето на ЕУ треба да е засновано на реални резултати од добрососедските односи.
Радев истакна дека за Бугарија европската перспектива на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ се неспорен приоритет, додавајќи дека за постигнување на ефикасни резултати за земјите-кандидати за членство во ЕУ, најважен е директен и отворен дијалог.
-Затоа ние сакаме да видиме не само декларации, туку јасни гаранции за нашата национална безбедност и нашите национални интереси. Бугарија е одговорна членка на ЕУ и ќе продолжи да ги помага кандидатите за членство во Унијата да ги исполнат критериумите од Копенхаген и да ги утврдат принципите на добрососедство и почитувањето на човековите права, кои се во средиштето на европската соработка, рече Радев за време на разговорите со Силва и Вархеји.
Шефот на бугарската дипломатија Стоев, пак, по средбите со претставниците на ЕУ рече дека Бугарија е отворена за активен, отворен и целосен дијалог со Република Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев изјави дека очекува „соседите во регионот“ да работат во дух на искреност и конструктивност, нагласувајќи дека постои целосен континуитет во бугарската политика во однос на Северна Македонија и дека за Бугарија останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се спроведува Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година.
– Бугарија останува доследна во поддршката за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истовремено почитувајќи го критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја и почитувајќи ги основните вредности на заедницата, како што е добрососедство, изјави Стоев.
Тој изрази подготвеност да се сретне со неговиот македонски колега Бујар Османи, со цел, како што рече, да разговара за иницијативите што може да ги преземе сегашната бугарска техничка Влада.
– За нас одржувањето на добрососедските односи и добивањето на потребните гаранции за спроведување на Договорот од 2017 година е од клучно значење. Ние продолжуваме да правиме напори за враќање на довербата во нашите односи со Република Северна Македонија. Наша цел е да преземеме конкретни чекори за враќање на дијалогот со Скопје, вклучително и на највисоко ниво, што ќе обезбеди основа идната редовна Влада да ги врати нашите односи на нивото што треба да поврзе едни две блиски земји, рече Стоев.
Тој изјави дека се надева оти Бугарија и Македонија ќе работат заедно за да се најде одржливо и трајно решение за отворените прашања во меѓусебните односи.
Шефот на португалската дипломатија Силва, од своја страна, нагласи дека Европската комисија било важно да се сретне со премиерот, претседателот и министерот за надворешни работи на Бугарија. Се заблагодари за, како што рече, „срдечниот пречек во Софија“ и за посветеноста на Бугарија кон процесот на проширување на ЕУ, тема која што исто така е важна португалското претседателство со Советот на Европската Унија.
Тој потенцира дека во моментов има два процеси на проширување – започнување на следните меѓувладини конференции за Црна Гора, како и за Албанија и Македонија.
– Сега беше време да имаме директни консултации во Софија со Бугарија. Тие ќе бидат од големо значење за тековниот процес, додаде Силва.
Еврокомесарот Вархеји изјави дека претстои многу работа и дека било важно да го слушнат мислењето на Бугарија, бидејќи земјата е предводник во промовирањето на политика на проширување ЕУ со земјите од Западен Балкан.
– Ние сме тука со цел заедно со Бугарија да одлучиме кои ќе бидат следните чекори. Се наоѓаме на важен крстопат за да видиме како можеме заедно да одиме напред, додаде Вархеји.
И претседателот на привремената Влада на Бугарија Стефан Јанев на средбата со Вархеји и Силва ја повторил бугарската позиција за приклучувањето на Македонија кон Европската Унија.
Главна тема, според соопштението од прес-службата на бугарската Влада, била европската перспектива на државите от Западен Балкан во рамките на процесот по проширување на Европската унија. Во фокусот на разговорите биле предизвиците што стојат пред приклучувањето на Република Македонија и можностите за подобрување на дијалотот со Република Бугарија.
Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел, во својот редовен блог се осврна на Западниот Балкан и порача дека Европската Унија треба да испорача конкретни мерки за регионот.
Шефот на дипломатијата на ЕУ предупреди дека во регионот на Западниот Балкан се зголемува националистичката реторика и дека расте фрустрацијата поради недостигот на напредок во европската интеграција. Тој нагласи дека историјата на регионот покажува дека тој останува кревок и информираше дека Европската Унија изразила страв од „губење“ на Западниот Балкан со оглед на бавниот процес и негативните последици од пандемијата.
Во тој контекст, Борел ја потсетува европската јавност дека Македонија заедно со Албанија очекува одржување на првата Меѓувладина конференција во јуни, додека Косово чека визна либерализација, за која сите критериуми се исполнети и се заложи за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина во јуни.
Шефот на дипломатијата Османи денеска во Скопје ќе им биде домаќин на неговите колеги од Австрија, Словенија и Чешка.
Шефот на австриската дипломатија Шаленберг вчера изјави дека викендов ќе ги посети Скопје и Тирана, во обид да ги продолжи напорите на австриската Влада да го забрза процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Тој рече дека посетата е јасен сигнал дека Северна Македонија и Албанија, како и сите други земји во регионот, можат да сметаат на поддршката на Австрија.
Шаленберг истакна дека 2020 година е изгубена година за целиот регион и дека неуспехот да се отворат преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување.
-Оваа година, 2021 година, не смее да се изгуби повторно. Нанесената штета станува се поголема, изјави Шаленберг.
Според него, на Западен Балкан се води борба за модел на живот и предупреди дека ако ЕУ конечно не го исполни ветувањето, тогаш вакуумот ќе го пополнат други држави.