Американскиот претседател Трамп денеска повторно предложи воведување нови царини за главните трговски партнери, вклучително и за Кина. Со овој потег тој покажува дека останува посветен на своите протекционистички политики и покрај исходот од среднорочните избори.

Администрацијата достави предлог за воведување царини за 14 трговски партнери, наведувајќи дека целта е надминување на структурниот вишок на индустриски капацитети.

На списокот на предложени земји се најдоа Кина, Бангладеш, Камбоџа, Европската Унија, Индија, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур, Швајцарија, Тајван, Тајланд и Виетнам.

Највисока царинска стапка од 20 отсто е предвидена за Кина, која Вашингтон ја товари дека ги преплавува меѓународните пазари со евтини производи како челик, електрични возила и опрема за соларна енергија. Истовремено, за одредени производи од Европската Унија се предвидува царините да достигнат 15 проценти.

Трамп по стапувањето на функцијата во јануари 2025 година веќе воведе обемни царини за клучните партнери на земјата со цел заштита на домашното производство и работните места, но Врховниот суд укина најголем дел од тие мерки.

Предложениот пакет ќе биде отворен за јавни расправи пред конечното одобрување, а според извори од американската администрација, малку е веројатно новите мерки да стапат во примена пред јануари.