„Европејците ќе се приклучат на следниот состанок, кој го сметаме за исклучително важен момент бидејќи тие се наши партнери, а нивното учество е важно за нас“, изјави Виткоф по средбата со Путин во Кремљ.

Џаред Кушнер, кој заедно со Виткоф се сретна со рускиот претседател, му порача на Путин дека забележал голема промена во ставот на европската страна и оти е убеден дека вклучувањето на претставниците нема да го забави напредокот на процесот.

Путин изјави дека никогаш не бил против дијалогот со Европа, тврдејќи дека самите европски земји ја прекинале комуникацијата со официјална Москва.

„Тие се оние што го прекинаа дијалогот со Руската Федерација“, рече Путин.

„Многу би сакале вие, господа, и целата американска администрација да соработувате со вашите европски сојузници за конечно да одлучат дали сакаат мир или војна во Украина“, додаде Путин.

Сепак, Путин предупреди дека европскиот план за евентуално испраќање војници по постигнување мировен договор веднаш ќе доведе до обнова на воените дејствија, бидејќи Русија таквиот потег ќе го смета за директна закана за сопствената безбедност.

Досега не е познато кој ќе ја претставува Европа во следната рунда разговори, а официјално не се соопштени ниту датумот ниту локацијата на нивното одржување. Соединетите Американски Држави и украинскиот претседател Володимир Зеленски бараат Европа да назначи претставник кој ќе преговара со Москва во нивно име.

По завршувањето на средбата во Кремљ, предвидено е Виткоф и Кушнер да отпатуваат за Даблин, каде што ќе го информираат Зеленски за разговорите реализирани во Москва.