Бруно Фернандеш ексклузивно за „Скај Спортс“ откри дека раководството на Манчестер Јунајтед му понудило нов договор, но тој одлучил да ги стави преговорите на чекање. Капитенот на англискиот клуб инсистира дека апсолутен приоритет на тимот во моментов мора да биде враќањето на победничките патеки по серијата слаби резултати.
Според информациите на „Скај Спортс њуз“, Фернандеш веќе одбил две нови понуди за продолжување на соработката од „црвените ѓаволи“. Неговиот тековен договор со клубот од „Олд Трафорд“ официјално истекува на крајот од актуелната натпреварувачка сезона.
Првичната понуда од раководството беше доставена уште во текот на летото кога започнаа првите разговори за продолжување на соработката. Таа понуда беше одбиена од португалскиот репрезентативец, кој својот претходен договор го потпиша во август 2024 година. Манчестер Јунајтед има опција еднострано да го продолжи договорот на 32-годишниот фудбалер за уште една дополнителна година, со што би се спречило тој веќе во јануари да преговара со странски клубови за слободен трансфер без обештетување.
Капитенот на Јунајтед потврди дека пристигнала понуда, но категорично ги отфрли медиумските шпекулации дека во моментов се водат какви било активни разговори или дека тој лично побарал повисока плата за да остане.
Фернандеш исто така јасно стави до знаење дека нема намера да застане на патот на клубот доколку се процени дека неговата иднина треба да биде на друго место, нагласувајќи дека отсекогаш ги ставал интересите на тимот пред сопствените амбиции.
„Не, во моментов нема преговори, но видов луѓе како велат дека тој побарал повеќе пари и подолг договор. Да сакав повеќе пари, немаше да бидам тука. Можев да одам некаде на друго место каде што ќе бев платен многу повеќе отколку во Манчестер Јунајтед. Можев да бидам некаде каде што беше многу потопло од Манчестер“, рече Фернандеш.
