Преговорите предводени од Соединетите Американски Држави со Русија и Украина во Ријад донесоа значителен дипломатски напредок. Белата куќа соопшти дека успешно е договорен прекин на огнот во Црното Море помеѓу двете завојувани земји.
Американската делегација викендов прво разговараше со украинската, а потоа и со руската страна. Средбата со Русија траела речиси 12 часа. По средбите, медиумите објавија дека руската делегација била оптимистична и задоволна од исходот.
Прекин на огнот во Црното Море со конкретни гаранции за пловидба и енергетска безбедност
Според официјалните соопштенија, постигнатиот договор содржи конкретни мерки. Целта е да се обезбеди слободна и безбедна пловидба во Црното Море. Со договорот е предвидено да се спречат понатамошните воени активности, а особено злоупотребата на цивилни комерцијални бродови за воени цели.
Исто така, Украина и Русија се согласиле да развијат и да применат механизми за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. Двете страни ветиле дека активно ќе соработуваат за постигнување траен и одржлив мир.
Украинската страна дополнително нагласува дека секое придвижување на руските воени бродови надвор од договорената источна зона ќе се смета за прекршување на договорот. Во таков случај, Украина би го искористила правото на самоодбрана. Тоа би значело загрозување на безбедноста и би претставувало кршење на принципот на слободна пловидба.
Во соопштението на Белата куќа за Украина, САД истакнуваат дека остануваат посветени и на помагање на размената на воените заробеници.
Во соопштението посветено на Русија се најавуваат конкретни економски придобивки и олеснувања за рускиот извоз на земјоделски производи и вештачки ѓубрива. САД ќе ги олеснат процедурите за рускиот пристап до светските пазари, како и до пристаништата и меѓународните платни системи.
Трамп инсистира: Мирот мора да се одржи, САД продолжуваат со посредување
На крајот на двете соопштенија, Белата куќа повторно ја нагласува позицијата на претседателот Доналд Трамп дека насилството мора итно да запре.
„САД го повторија императивот на претседателот Доналд Трамп дека убиствата на двете страни од руско-украинскиот конфликт мора да престанат, како неопходен чекор кон постигнување трајно мирно решение. За таа цел, Соединетите Држави ќе продолжат да ги олеснуваат преговорите меѓу двете страни за да се постигне мирно решение, во согласност со договорите направени во Ријад.“
Русија, пак, најави дека деталите од заедничкиот договор на преговорите во Ријад ќе бидат официјално објавени денес. САД потврдуваат дека наскоро ќе следи позитивна и детална информација за постигнатиот напредок.
Украина во меѓувреме веќе го потврди главниот договор и преку министерот за одбрана Рустем Умеров испрати дополнителни предупредувања до Русија во врска со договорените зони на движење во Црното Море.
Преговорите беа иницирани со американско посредство за ставање крај на тригодишната војна која ги исцрпи двете страни, а сега го загрозува и поширокиот регионален и светски мир.