Сериозен вооружен инцидент се случи вчера околу 14 часот во скопски Чаир, во близина на полициската станица. Две лица на мотор пристигнале на раскрсницата кај Бит Пазар и веднаш отвориле оган кон друго лице, кое подоцна им подлегна на повредите на скопските клиники.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за пронаоѓање на сторителите. Според официјалните податоци, престрелката во Чаир се случила за многу кратко време, но на улицата имало голем број минувачи, меѓу кои и деца.
Дежурен јавен обвинител извршил увид на лице место, а од Основното јавно обвинителство соопштија дека се прибрани материјални траги кои ќе бидат предмет на вештачење.
- „Од местото на престрелката во Чаир се прибрани траги за вештачење. Врз телото на починатото лице ќе се изврши обдукција. Со наредба на јавен обвинител, обезбедени се и видео-снимки од околните објекти заради расветлување на настанот“, информираат од ОЈО.
Вооружениот напад стана и предмет на политички препукувања. Од опозициската СДСМ побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи дека безбедноста на улиците е сериозно нарушена.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со обвинување дека токму за време на владеењето на СДСМ мафијата, како што велат, добила „своја држава“.
„СДСМ го загрози безбедносниот систем на земјата и на пријателските држави. Денес, Панче Тошковски расчистува со криминалците, и конечно законот важи за сите еднакво“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Очевидци од Бит Пазар, кои сакаа да останат анонимни, велат дека престрелката траела кратко. Престрелката била особено опасна поради присуството на голем број луѓе на улицата, меѓу кои и деца.