Убедлива победа од 60 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, политичката инсталација на Палчо, техничка влада во која дел ќе биде ВМРО-ДПМНЕ со цел да се спречи поткупот, претседателскиот кандидат кој ќе оствари победа, поддршката од ЕУ за Украина како и нашиот евроинтеграциски пат беа клучните теми за кои вчеравечер дискутираше лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ.
Мицкоски јасно ги кажа своите ставови на актуелните политички теми. Потресени од целата ситуација која следи по двојното убиство каде првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, Мицкоски вели дека тој е партиско полициска инсталација на власта, а тој алудираше да се провери како собра потписи за неговата партија „Трета“ односно „Десна“.
Според Мицкоски има јасни индикации дека Палчо сака да направи само штета врз ВМРО-ДПМНЕ и дека дејствува како опозиција на опозицијата.
„Доколку ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, јас пак можам да дојдам до поинаков заклучок, дека тој претставува партиско полициска инсталација. Не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на претседателскиот кандидат Мицкоски го соопшти методот како ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере.
„Имавме ние внатрепартиски принципиелен став околу критериумите на личностите кои би се нашле на листите, мислам дека многу скоро од денеска ќе бидат познати би рекол основните прaвци каде ќе се движи ВМРО-ДПМНЕ и кој ќе биде кандидатот кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере. Партиската конвенција е закажана за 2 март, параметрите нумерички си ги знаеме отприлика кој кандидат има најголеми шанси да биде претседател, иако морам да ви признаам од тие 22 најмалку петмина се убедливи споредбено со потенцијалните кандидати на власта“, рече Мицкоски.
Сигурно најактуелна тема моментално се парламентарните избори каде проекциите се дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари убедлива тема.
„Бидејќи и ние правиме анкети некогаш две, некогаш три месечно последната на изборен примерок од 1,000 испитаници по изборна единица ја направивме во ноември и бројките се дека ВМРО-ДПМНЕ во ноември се движи помеѓу 51 и 54, СДСМ се движи помеѓу 26 и 29, ДУИ има едно сценарио доколку оди заедно со Алијанса на Албанците споредено со тројната коалиција Движењето на Изет Меџити, Беса и Алтернатива и втората варијанта е кога ДУИ оди посебно и посебно оди Алијанса за Албанците, а тројната коалиција која веќе е официјална оди заедно. Бројките кои заедно ги делат се некаде 27-28 и заедно партијата Левица и партијата на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски заедно делат некаде околу 12 пратеника“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Претседателот Мицкоски продолжи и истакна дека партијата е во таква кондиција каде нивото на мотивација е на толку високо ниво.
Да се бори против поткупот, Мицкоски смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде дел од техничката влада.
„Во услови кога понудивме да нема техничка влада, во услови кога понудивме да одиме на овие избори со политички избрана влада, па дури и доколку тие имаат некаков си политички договор, повторно можеше они да си го испочитуваат тој договор, а да нема техничка влада. И тоа не значи дека условите се повеќе демократски, туку едноставно цениме дека еден имплант на нашето законодавство, кое што де факто, а и ако ги прашате уставните експерти ќе ви кажат и де јуре, е спротивен на уставот, треба да го избришеме. И ако бараме подобар начин да имаме подобар и поточен изборен процес, тогаш можеме да најдеме и да бидеме покреативни, а да биде во согласност со Устав и они тоа го одбија. Не знам за што го одбија, но го одбија. Тоа се, претпоставувам, нивни политички калкулации“, вели Мицкоски.
Мицкоски посочува дека учеството на ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзини кадри во техничката влада ќе се борат и ќе спречат изборен поткуп каков што имаше на последните локални избори кога имаше очигледен изборен поткуп од страна на структури од владејачките партии, без кој победата на ВМРО-ДПМНЕ како на пример во Кочани и Битола би биле многу поголеми.
За влезот во ЕУ и евроинтеграциите Мицкоски го истакна својот став.
Видовме сега на последниот Европски совет дека ако се има политичка волја многу ставови можат да бидат поразлични, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на МРТ 1.