Шведска е еден од најголемите билатерални донатори на земјите од регионот на Западен Балкан. Шведската поддршка ја надополнува работата на ЕУ во областите кои се приоритетни од Шведска. Според стратегијата, Шведска, исто така, ќе продолжи да придонесува за поддршката на ЕУ за Македонија во нејзината реформска агенда и во нејзините напори за членство во ЕУ. Шведска соработува со низа актери вклучувајќи ги, на пример, Владата, граѓанското општество и мултилатералните организации, се наведува во соопштението од шведската Амбасада.
Главни говорници на настанот ќе бидат Карин Јемтин, генерален директор на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – СИДА, Калинка Габер, државен секретар во Секретаријатот за европски прашања и Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска во Македонија.
По пленарната сесија ќе следат технички дискусии во секоја од четирите области на стратегијата во кои ќе бидат вклучени релевантните засегнати страни, со цел да се операционализира стратегијата преку партиципативен процес.
Со новата стратегија, како што соопштија од шведската Амбасада, ќе се работи на човекови права, демократија, владеење на правото, родова еднаквост, инклузивен економски развој и животна средина и климатски промени.
Шведската поддршка, исто така, ќе се фокусира на мирољубиви и инклузивни општества, како и изградба на широки и долгорочни односи меѓу Шведска и земјите во регионот.
Преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида), Шведска ќе спроведе инклузивен процес за операционализирање на новата стратегија. За таа цел, Амбасадата на Шведска ги покани националните и меѓународните партнери, донатори и други важни чинители да земат учество во овој процес, стои во соопштението.