Полициски службеници спроведоа низа едукативни активности со цел унапредување на сообраќајната свест и заштита на сите учесници во сообраќајот. Мерките опфатија едукација на најмладите во основните училишта и превентивни контроли на патиштата.
Во рамки на овие активности, полициски службеници од полициското одделение Кривогаштани одржаа превентивни работилници на тема „Безбеден сообраќај“ за учениците во основните училишта „Манчу Матак“ во село Кривогаштани и „Јонче Смигрески“ во село Обршани, каде што беа поделени соодветни едукативни материјали и брошури.
Истовремено, Отсекот за превенција при СВР Штип, во координација со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и полициската станица за безбедност на патниот сообраќај од Штип, реализираше превентивна кампања на експресниот пат Штип–Скопје. Настанот беше организиран по повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди под мотото „Патиштата си имаат своја приказна – Кажи стоп за смртта на патиштата“, при што на возачите им беа делени едукативни летоци насочени кон спречување на ризичното однесување во сообраќајот.
