Истрагата на бугарските истражни органи за трагичната автобуска несреќа која се случи во Бугарија пред речиси два месеци е при крај.
Од бугарското обвинителство за Канал 5 велат дека е прибрана обемна документација и голем број на докази со цел откривање на причината за несреќата. Портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева не сакаше да коментира до какви созјанија дошле истражителите и обвинителите за тоа што точно се случило вечерта на кобниот 23 ноември. Таа кажа дека ќе испратат молба за правна помош до Македонија, а потоа надлежните обвинители ќе подготват обвинителен акт по што ќе информираат за исходот.
-Тоа што единствено преостанува е испраќањето на молба за правна помош до Македонија со цел воведување и запознавање на застапниците на оштетените со можноста по бугарското законодавство да отпочнат граѓански побарување во постапката и да се запознаат со материјалите околу целата постапка – Сијка Милева – Портпаролот на главниот обвинител.
Истовремено со бугарската истрага, скоспкото обвинителство постапува во предмет кој се однесува на работењето на фирмата „Беса Транс“, како и постапувањето на други надлежни органи. Од таму засега не соопштуваат детали за да не се наштети на истрагата. Единствено велат дека се уште се прибира потребната документација.
Од македонските институции по несреќата излегоа со информации дека автобусот на „Беса Транс“ со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници, а засега за случајот суспендирани се двајца цариници бидејќи не го евидентирале излезот на автобусот од земјата, а санкциониран е нивниот раководител.
Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седуммина беа повредени. Тие се враќале од туристичко патување во Турција