Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, соопшти ЕСМ.
На јавниот повик од 20 март и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, се побаруваше испорака на 500 MWh до 1.800 MWh количини гас дневно. На повикот пристигнаа две понуди.
Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните: Макпетрол понуди крајна фиксна цена од 53,60 евра/MWh, а Балкан јутилитис од Бугарија понуди крајна фиксна цена од 53,70 евра/MWh.
ЕСМ донесе одлука за избор на набавувач на природен гас за месец април за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти – природниот гас за април ќе се набави по фиксна цена од 53,60 евра мегават час, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол.