Во интервју за Дојче Веле, премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос со скандалот со прислушкувањето од страна на АНБ и АР, истакна дека станува збор за случај кој одблизу се следи, а воедно и дека организираното следење било спроведувано за лични и политички цели, истакнувајќи дека доказните материјали за целиот случај се предадени на обвинителството.
-Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во обвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал, рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, укажа на потреба од расветлување на целиот случај и ставање на крај на ваквите масовни злоупотреби, кои влијаат штетно врз целата држава и ги нарушуваат демократските вредности на кои се заснова системот.
-Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата, истакна Мицкоски.