Во рамки на работната посета на Берлин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на работен ручек посветен на европската перспектива на Македонија и иднината на политиката на проширување на Европската Унија. Настанот беше организиран од директорот на Европската академија во Берлин, д-р Кристијан Јохан.
Главниот фокус на разговорите беше ставен врз постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ и можностите земјите кандидатки да користат поединечни европски политики и финансиски инструменти уште пред полноправното зачленување, соодветно на напредокот во реформските процеси.
Министерот Сали подвлече дека постепената интеграција во никој случај не претставува алтернатива за полноправно членство, туку механизам кој треба да го направи процесот покредибилен и поопиплив за граѓаните. Како конкретни чекори ги посочи придобивките од приклучувањето кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и соработката во телекомуникациите преку роамингот, транспортот, поврзаноста и трговската размена.
На состанокот беа анализирани и одредбите од Планот за раст за Западен Балкан, со директна врска помеѓу реализацијата на Реформската агенда, засилувањето на владеењето на правото и отворањето нови економски перспективи. Притоа беше потенцирана нужноста процесот на проширување да остане предвидлив, ориентиран кон конкретни резултати и заснован врз индивидуалните заслуги.
Во рамки на дискусијата беше нотирано значењето на академските установи и истражувачките центри за водење аргументиран општествен дијалог и зближување на ставовите меѓу земјите членки на унијата и кандидатите за прием.
На крајот, владиниот претставник ја потврди посветеноста кон реформите и полноправната евроинтеграција, нагласувајќи дека отворањето на европскиот пазар треба значително побрзо да донесе мерливи економски поволности за домашните компании и граѓаните.
