Движењето ЗНАМ е составен дел на Владата и мнозинството во Собранието и така ќе биде сè додека не се нарушат елементарните принципи на договорот што е постигнат со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Оваа порака ја испрати претседателот на партијата, Максим Димитриевски, нагласувајќи дека нема да прифатат компромиси кои го доведуваат во прашање уставниот поредок.
Тој додаде дека ЗНАМ нема да прифати решенија што го усложнуваат правниот систем и го доведуваат во прашање уставниот поредок на државата.
За законското решение за полагање на правосудниот испит, според кое теоретскиот дел ќе се полага и на албански јазик, а практичниот на македонски, кое е испратено на мислење во Венециската комисија, Димитриевски посочи дека партијата ќе гласа против доколку такво решение се најде на собраниска седница.
Тој потенцираше дека доколку ставот на партијата не биде почитуван, ќе го преиспита своето учество во Владата.
„Јас бев информиран од премиерот Христијан Мицкоски за чекорите кои тој планира да ги преземе и тие се веќе преземени на седница на Владата, без разлика што ЗНАМ се воздржа или не даде поддршка на едно такво решение“, рече Димитриевски.
Тој повтори дека решението на министерот за правда Јетон Шасивари е хибридно решение и дека ЗНАМ веќе го соопштило својот дециден став по ова прашање.
„Не се убедувавме со премиерот Мицкоски, туку тој ме информираше за плановите. Постапките имаат легитимно право да течат. Инаку, се прогласи, да кажам, еден триумфализам од страна на моноетничките политички субјекти, првенствено на партнерот во Владата, ВЛЕН, којшто не е основан, бидејќи Владата разгледа информација, донесе неколку заклучоци и испрати предлог-решение на Венециска комисија за кој побара мислење. Откако ќе се произнесат, ќе ги видиме сите аргументи и факти“, појасни Димитриевски.
Додаде дека не очекува мислењето на Венециската комисија да биде позитивно, како и дека тоа мислење не е обврзувачко за институциите.
„Сепак ние сами бараме мислење и ќе добиеме соодветно толкување. Ако ги земете ставовите на Венециската комисија од 2019 година, каде што изречно е нотирано дека употребата на друг јазик освен на македонскиот јазик дополнително го усложнува процесот и правосудството и постапките коишто се водат пред надлежните судови. Сметам дека со едно вакво законско решение, ние во Македонија, како што ги делиме работите на наши и ваши ќе дојдеме до состојба да создадеме судови и судии коишто ќе судат на македонски или на албански јазик. Судење во Македонија е на македонски јазик. Судење на албански јазик е во Албанија и во Косово, каде што албанскиот е службен јазик. Судењето во Србија е на српски јазик. Дајте еден пример во Европа каде што има парламентарна република каде што имате полагање стручен испит на друг јазик освен на официјалниот јазик“, рече Димитриевски.
Во врска со најавата дека ќе излезат од владината коалиција како црвена линија на ЗНАМ по ова прашање, Димитриевски појасни дека нивните постапки се водат исклучиво врз основа на функционалноста на државата и владеењето на правото.
„Компромис постои во политиката, но во владеење на правото и неговото практикување нема компромис. Тука се пишани правни норми коишто мора да се почитуваат. Во овој момент и согласно Уставот и согласно важечкиот закон таква можност не постои“, изјави Димитриевски.
За ова прашање, според претседателот на ЗНАМ, првенствено е неопходно отворање на широка стручна и јавна дебата со претставници од академската фела.
„Доколку не биде испочитувано, како владин партнер ќе го размислиме нашето практикување на власт. Тоа значи дека верувам дека ќе дојде до лидерска средба во декември. Бидејќи, тоа го побарав од премиерот. Ние до ден-денес сè уште немаме седнато на иста маса со владините партнери, освен онаа општа лидерска средба за сите, каде јас не присуствував, за да го отвориме ова прашање, да го разговараме. Јас не сакам да бидам информиран, сакам да бидам консултиран. Сакам да бидеме составен дел на решението и јас и ЗНАМ“, изјави Димитриевски.
Тој целосно ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ дека се предизвикува некаква вештачка криза, посочувајќи дека премиерот Мицкоски уште утре може да распише предвремени избори доколку постои таква намера.
Досегашната соработка со премиерот Мицкоски ја оцени како одлична и на задоволително институционално ниво.
„Во делот на усогласување на заедничките политики секогаш постоело разбирање и верувам дека ќе го има и она што е најбитно за нас, а тоа е да се имплементира владината програма и да се подобруваат животните услови на граѓаните“, изјави Димитриевски.
