Како што информира ЈО, на 2 август, во семејната куќа во Брвеница, со грубо запоставување на своите должности за грижа и воспитување, осомничениот ја малтретирал својата малолетна ќерка родена 2011 година и ја загрозил сигурноста на својата сопруга и на својот татко, заканувајќи се дека ќе нападне врз нивниот живот.
-Во вечерните часови тој пристигнал во домот во алкохолизирана состојба и иако со решение на Основниот суд Тетово му биле изречени повеќе забрани да ги вознемирува домашните и да врши семејно насилство, тој најпрвин започнал да ѝ се заканува на сопругата дека ќе ја убие. Девојчето побарало од осомничениот да не ја вознемирува мајката. Тогаш тој грубо ја фатил ќерката за десната рака, ѝ ги свиткал прстите и почнал да ѝ удира шлаканици, нанесувајќи ѝ физички повреди, болка и страдање. Мајката се обидела да ја одбрани ќерката, но тој ја удрил со тупаница. Во собата влегол таткото на осомничениот, кој побарал од синот да не прави проблеми. Во тој момент, осомничениот од џебот извадил два скалпела, го фатил за коса својот татко и ставајќи му го скалпелот на вратот, му се заканил дека ќе го убие. Потоа го пуштил, а со скалпелите продолжил да им се заканува на домашните со зборовите: „Вечерва ќе има крв“, прецизира ЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, а судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.