Истражните постапки во соседна Србија поврзани со работењето на Алта банка се прошируваат врз нови раководни лица. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Фрчкоски, на денешната прес-конференција изнесе информации за текот на тамошната истрага и нејзините рефлексии врз домашната сцена.

Фрчкоски посочи дека покрај сопственикот Давор Мацура, во Србија во притвор завршила и директорката на „Алта груп“ Белград, Татјана Бундало, сомневајќи ги за финансиски малверзации.

„Се сомничи, дека заедно со Мацура извршиле кривични дела поврзани со изнесување кеш од трезорот на Алта банка од околу 17 милиони евра. Според медиумите во соседна Србија околу 370 милиони евра никогаш не влегле во трезорот, туку биле фиктивно книжени“, изјави Фрчкоски.

Тој истакна дека Бундало во минатото имала регистрирано деловни субјекти и на територијата на Македонија, нагласувајќи ја потребата од расчистување на деловните релации на овие структури.

„Двајца приведени во Србија за Алта банка, двајца поврзани со бизниси и фирми во Македонија“, наведе Фрчкоски.

Претставникот на опозициската партија постави прашања до актуелните институции за тоа кој овозможил вакви деловни зделки и најави натамошно следење на финансиските текови.

„Нема бегање од вистината, нема бегање од одговорноста“, порача Фрчкоски.

Партиските реакции и дебатата околу функционирањето на банкарските и финансиските субјекти продолжуваат да ја брануваат јавноста по новите апсења во Белград.