Два тони небезбедна храна од различен вид беше запленета денеска на зелениот пазар во скопската населба Ченто при вонредна инспекциска контрола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.
Контролата, како што соопштија од АХВ, беше насочена кон проверка на условите под кои се продава храната, како и почитувањето на законските прописи за нејзино безбедно складирање и промет.
При контролата било утврдено дека храната се продавала надвор од местата предвидени за таа намена во рамки на пазарот, во нехигиенски услови, со што се зголемува ризикот за нејзината безбедност и за здравјето на потрошувачите. Запленетата храна е отстранета од промет. Надлежните инспекциски служби ќе продолжат со преземање мерки во согласност со своите законски надлежности, информираат од АХВ.
Истовремено, Агенцијата апелира до сите оператори со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, чувањето и продажбата на храната. Безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите остануваат приоритет во работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство.
