Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати остри критики кон опозициската СДС за време на партискиот митинг што се одржа во Брвеница. Тој нагласи дека опозицијата постојано се спротивставува на сите владини проекти и развојни инвестиции, додека истовремено застапува сосема поинакви бизнис интереси.

Според него, граѓаните треба да ги препознаат вистинските намери што стојат зад секојдневните партиски напади.

Вчера, токму овде во Брвеница, слушнавме тешки зборови од СДС и нивното водство. Слушнавме дека Македонија одела во погрешна насока, слушнавме обвиненија за рудници, за дата-центри, за странски влијанија, за меѓуетнички поделби, но граѓаните имаат право да слушнат и што стои зад тие зборови. И затоа вечерва сакам да поставам едно многу едноставно прашање до СДС, да кажам една дилема којашто ја имам лично, разбравме дека од СДС се против за се, дека се против Владата, против се за инвестиции, против биле за проектите, кога одиме во САД велат сме имале скриени намери, кога разговараме за инвестиции тие зборуваат за некаква распродажба, кога зборуваме за индустрија и за рударство тие однапред прогласуваат катастрофа, секој ден имаме нови обвинувања, нова прес-конференција која без исклучок е темелена на лаги, измислици, клевети. За што се тие? Тие се за марихуана економија, тоа им лежи најмногу, вели Христијан Мицкоски.

Првиот човек на Владата дополнително посочи дека опозициските функционери во минатото прифаќале штетни договори само за да го оштетат државниот буџет за сметка на сопствениот профит. Тој констатираше дека сегашните реакции се исклучиво обид за манипулација на јавноста.

Тие се да ја распродаваат Македонија, да им ставите бел лист хартија тие ќе потпишат се само да не треба тие да го платат, само да можат да го платат граѓаните и Македонија, а тие да може што повеќе да украдат од истите и да стават во своите џебови, вели Христијан Мицкоски.