Втора трибина посветена на донорство и трансплантација

Во Битола се одржа втора трибина посветена на трансплантацијата, со цел да се отвори поширока јавна дискусија за значењето, предизвиците и етичките аспекти на оваа важна тема. Настанот „Органодарителство во Македонија“ беше инициран од организацијата „Храбро срце“ и собра на едно место експерти од различни области.

Експерти и заедница обединети за донорството

На трибината учествуваа врвни медицински експерти, трансплантациски координатори, претставници на верските заедници, правници, како и пациенти и донори. Сите тие имаа заедничка мисија: подигнување на свесноста и градење култура на донорство во земјата. Настанот беше платформа за размена на искуства, знаење и информации за комплексноста на трансплантациските процеси.

Подигнување свесност и хуманост како основа

– Трансплантацијата е врв на медицината, но и врв на човечноста. Таа бара знаење, организација и систем, но пред сè доверба, солидарност и храброст. Секој спасен живот е доказ дека кога институциите, стручната фела и заедницата се обединети, надежта станува реалност. Подигнувањето на свесноста за донорството не е само избор, тоа е општествена одговорност и хуманост која може да спаси или да го подобри квалитетот на животот, посочи проф. д-р Кузмановска на трибината, појаснувајќи ги условите да се биде дарител, комплексноста на процедурите, но и подготвеноста на здравствениот систем за овие сложени трансплантациски процедури.