Неодамна излезе од печат Монографијата посветена на големиот македонски уметник Јордан Манасијески од Охрид.
Автор е проф. д – р Владимир Величковски.
Ако се земат во вид обемот на делото 480 страници – тврд повез, со преку 300 репродукции во боја и двојазичниот текст на македонски и англиски јазик, монографијата е од енциклопедиско значење.
Таа содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност и тоа: Салваторе Русо – Италија, Рути Такер – САД, Санда Станачев Бајзек – Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов – Србија, Бисера Валева.
– Бугарија и од македонските критичари и вљубеници во уметноста Никола Николовски, Зекман Ракиповски,писателите Киро Донев, Трајан Мартиновски и новинарот Милчо Јованоски.
Ова издание претставува епилог на целокупната досегашна уметничка кариера на Манасијески, во која се документирани настаните од домашната и меѓународната уметничка сцена: промоции, изложби, учества на Интернационални уметнички салони за модерна уметност и добиени награди. Дополнителен акцент е даден и на изработката на стриповите, кои опфаќаат еден голем дел од неговата уметничка кариера, а претставени се и мал дел од неговите преку 2000 идејни дизанерски решенија.
Подготовката на монографијата траеше повеќе од 6 години, техничката подготовка и графичкиот дизајн го изработи Боби Ќосев, а уредник на монографијата е неговиот долгогодишен промотор во светот Љупчо Жупан.
Промоцијата на монографското издание е закажана за 22 ноември во 13 часот во Ликовниот салон на МАНУ (Македонската Академија на Науките и Уметностите) во Скопје.
По тој повод поздравна реч ќе одржи претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев а промотор ќе биде проф. д-р Ивица Џепаровски.