Фудбалската репрезентација на Црна Гора обезбеди пласман во Б-лигата на нациите откако на домашен терен ја совлада Летонија со 2:1. Домашниот тим успеа да стигне до триумфот иако во поголемиот дел од второто полувреме играше со фудбалер помалку на теренот. Херој на црногорската селекција беше дебитантот Алекса Мараш, кој го постигна одлучувачкиот погодок во 91. минута од средбата.

Црногорците се соочија со сериозен проблем во 57. минута кога капитенот Стефан Савиќ заработи втор жолт картон поради приговор кон главниот судија. Сепак, и покрај бројчаната инфериорност на теренот, избраниците на селекторот Мирко Вучиниќ поведоа во 70. минута преку Никола Крстовиќ, кој прецизно со глава ја затресе мрежата по нафрлената топка од Јанковиќ. Радоста траеше кратко бидејќи Летонија преку Мелникс веќе во 73. минута израмни на 1:1 по изведен корнер, но Црна Гора продолжи со офанзивна игра и во 91. минута Мараш погоди по мешаница пред гостинскиот гол.

Во истиот натпреварувачки циклус, репрезентациите на Ерменија и Кипар одиграа нерешено 1:1 во Ереван, што беше дополнителен поволен исход за црногорската селекција. Со освоените три бода, репрезентацијата на Црна Гора го потврди првото место на табелата во групата Ц2 и коло пред крајот обезбеди промоција во повисокиот ранг на Лигата на нации.

Важен резултат забележа и селекцијата на Албанија, која славеше со 2:0 против Финска во рамките на петтото коло. Ернест Мучи ја доведе домашната репрезентација во водство во 35. минута, а по пет минути игра во вториот дел Реј Манај ги постави конечните 2:0 по асистенција на Елсеид Хисај. Во останатите натпревари, Белорусија ја совлада репрезентацијата на Сан Марино со 2:0.