Провалувањето се случило во раните утрински часови во среда на имотот вреден 75 милиони долари во Брокен Хед, јужно од Бајрон Беј, каде што познатиот актер живее со своите три деца и сопругата.

Полицијата потврди дека добила пријава за провалата околу 7:30 часот во среда. Според извор близок до парот, Елса Патаки ја разбудило лаење на кучиња околу два часот наутро, но не се посомневала дека нешто се случува, па продолжила да спие. Дури подоцна тоа утро, откако ги прегледала снимките од надзорните камери, открила што се случило. Видеата прикажуваат четири мажи со фантоми на главите, од кои двајца се вооружени со ножеви.

Крадците скокнале преку оградата и влегле во гаражата, каде што имало автомобили во кои биле оставени клучевите. Тие украле три возила, едно BYD, едно Ram и едно Ford Raptor. Оттогаш се пронајдени две возила, едното во Кораки, на околу еден час возење од имотот, а другото во Табулам, на повеќе од два часа возење. Третото возило сè уште активно се бара од страна на органите на редот.

Хемсворт и Патаки го купиле земјиштето во 2014 година за седум милиони долари, а потоа на него изградиле луксузен комплекс, кој меѓу локалното население добил прекар „Тврдина Хемсворт“. Имотот се простира на 4,2 хектари покрај брегот, опкружен со густа шума и целосно скриен од очите на јавноста.

Главната куќа има шест спални соби, базен од 50 метри, спа центар, приватно кино, теретана и сала за боулинг со две ленти. Имотот исто така располага со стотици соларни панели и софистициран систем за целосен видео надзор.

Двојката неодамна инвестираше речиси 150.000 долари во изградба на професионално тениско игралиште, а имотот вклучува и специјална патека за мотокрос. Според проценките на експертите за недвижности, вредноста на имотот денес би можела значително да надмине сума од 75 милиони долари.

Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека истрагата за целиот случај е во тек.

„Полицијата го обезбеди местото на настанот и започна истрага за околностите на инцидентот“, рече портпаролот.

Досега ниту едно лице не е обвинето за кражбата, а полициските служби упатија апел и ги повикаа сите граѓани што располагаат со какви било информации за случајот веднаш да контактираат со „Крајм Стоперс“.