Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против едно лице, веќе обвинето во предметот „Адитив“, кое сега се товари за кривични дела Злосторничко здружување, за помагање при Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

Исто така, обвинителството достави и Обвинителен предлог против три лица за кривично дело Одавање службена тајна, од кои на две им се става на товар и дека како соизвршители сториле кривично дело – Компјутерски фалсификат. Истражната постапка беше отворена кон крајот на месец април како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“.

Обвинетиот, како член на група, вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија и искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинети правни лица во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело. На овој начин им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договорите за јавни набавки. Во периодот од месец август 2023 до ноември 2024 година, обвинетиот на сопствената денарска сметка уплатил парични средства во вкупен износ од 408.300 денари, а од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања во вкупен износ од 1.963.800 денари. Иако знаел дека средствата правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство, со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово, со што ги исполнил битијата на кривичните дела кои сега дополнително му се ставаат на товар.

Во обвинителниот предлог првообвинетата е службено лице – Раководител на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка.

Второ обвинетата за оддавање службена тајна со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК.

На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второ обвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна.

Со поднесените обвиненија, обвинителството достави посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за злоупотреби поврзани со предметот „Адитив“. За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со второ обвинетата. За останатите две обвинети опфатени со поднесените обвиненија активни се мерките определени со започнување на постапката против нив.

По одобрување на обвиненијата обвинителството ќе побара спојување на постапката со предметот „Адитив“.