Според Кубилиус, решавањето на историски спорови преку блокади го загрозува проширувањето на Европската Унија и ја поткопува довербата меѓу сојузниците

Неприфатливо е билатерални спорови да се користат како средство за блокирање на преговорите и проширувањето на Европската Унија. Ова го истакна еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус, во своето обраќање на панелот „Обезбедување на демократиите преку зајакнување: Одбрана, отпорност и подготвеност“. Панелот беше дел од 107-от Рос-Рот семинар во Брисел, а оваа негова изјава беше дадена како одговор на прашање на македонскиот пратеник Драган Ковачки.

Кубилиус објасни дека тој како еврокомесар за одбрана не е директно вклучен во пристапниот процес. За време на неговиот мандат, заедно со хрватскиот европратеник Тонино Пицула, изработиле извештај за стратегијата за проширување на Европската Унија. Во него се нагласени два клучни аспекти.

„Прво, наведовме оти очекуваме дека проширувањето треба да заврши до 2030 година, што мислам дека е реално, и второ, наведовме дека е целосно неприфатливо земји кои се членки на ЕУ да се обидуваат да ги решат своите проблеми, што би ги нарекол историски спорови, со блокирање на преговорите на земјите кандидати. Нашиот предлог беше многу едноставен – тие спорови да се решаваат на поинаков начин, не со блокирање на преговорите. За жал, тоа е случај тука и би рекол дека не е фер кон нашите земји кандидати“, рече Кубилиус.

Тој потсети дека кога земјите од Централна и Источна Европа станувале кандидати за членство во ЕУ, никоја од западноевропските држави не го попречила нивниот пристап. Токму затоа, како што рече, жално е што денес членки од тој регион го блокираат проширувањето.

„Мислам дека навистина не е фер сега да имаме такво однесување од земјите членки од Централна и Источна Европа“, додаде Кубилиус.

Во прашањето до Кубилиус, македонскиот пратеник Ковачки изрази загриженост. Според него иако Северна Македонија е членка на НАТО, сепак се соочува со пречки поставени.

Ковачки предупреди дека пролонгираните застои во процесот можат да бидат искористени од трети страни со различни интереси.

„Оваа загриженост произлегува од гласањето за отстранување на референците за македонскиот идентитет и јазик од Извештајот на Европскиот парламент, чекор што сериозно ја поткопа довербата што внимателно ја градевме со години. Верувам дека довербата е основа на секое партнерство, сојуз и пријателство“, рече Ковачки.

Тој истакна дека со усвојувањето на амандманите за бришење на спомениците за македонскиот идентитет се нарушени принципите на еднаквост и меѓусебно почитување.

„Ние како земја остануваме целосно посветени на полноправно членство во ЕУ, но исто така неопходни се и искрени напори од нашите партнери за да ја зајакнеме нашата доверба и да ги зачуваме принципите на еднаквост и почитување во кои сите веруваме“, изјави Ковачки.

Во продолжение, тој нагласи дека долгорочната стабилност и интеграција зависат од политичка зрелост.

„Во спротивно, ризикуваме не само стагнација, туку и ерозија на довербата и создавање простор за дејствување на злонамерни актери кои можат да влијаат на стабилноста и безбедноста“, предупреди Ковачки.Кубилиус: Историските спорови не смеат да го попречуваат проширувањето на ЕУ