Мирен протест со едночасовно блокирање на сообраќајот од едната страна на булеварот Први мај во Битола денес организираше „Кар клубот“, кој брои 5.000 членови вљубеници во возилата, поради постојаното покачување на цените на горивата.

-Првично се решивме со мирен протест да изразиме незадоволство, а потоа сме во рпеговори со сите поголеми клубови низ Македонија да се премине ако треба и на блокирање магистрали. Ова е почеток на локално ниво, иако сме пред Општина Битола, најпогодно место е, знаеме дека локална самоуправа нема врска со Регулаторна комисија, но ете мора некаде да се почне. Знаеме дека нашиот народ е навикнат да пишува само по социјални мрежи, никој не презема ништо, седи со скрстени раце, па еве ние на почеток како Кар клуб Битола се решивме да почнеме, изјави Александар Станковиќ, претседател на Кар клуб Битола.

Велат дека државата не презема ништо за покачените цени на горивата.

-Првично требаше барем пред некоја недела да се замрзнат цените на горивата, бидејќи знаеме дека од цените на горивата зависат сите други цени, сите други покачувања се поради цените на горивата. Можеби треба да се намали акцизата, имаше зголeмување и поради короната. Има начини доколку државата сака да излезе во пресрет. А гледаме дека нема, вели тој.

Како клуб тие учествуваат на домашни, но и меѓународни изложби на автомобили, а Станковиќ вели дека нивните активности како клуб замреле прво со короната, а потоа и со покачувањето на цените на горивата.