Здружението на еколошки организации на Србија и оваа сабота организираше нови блокади низ земјата во знак на протест против ископот на литиум и проектот „Јадар“ на компанијата Рио Тинто.
Во Белград, во близина на Сава центарот и во Нови Сад, во близина на автопатот Белград – Суботиќ имаше помали инциденти, кога возачи чии возила беа запрени поради блокадата се обидоа вербално, а некои и физички да се пресметаат со демонстрантите.
Еколошките организации еден час го блокираа и патот Белград-Ужице-Златибор кај Ложнички мост, како и мостот во Шабац.
Блокирана беше и Ибарската магистрала во Прељина и главниот пат Шабац – Лозница – Мали Зворник.
Организаторите на блокадата за следната недела најавија радикализација на протестите против експлоатацијата на литиумот во Србија.
Премиерката Ана Брнабиќ претходно денеска изјави дека Владата на Србија е блиску до одлуката да поништи се што се случува со Рио Тинто и да ги поништи сите дозволи дадени на таа компанија.
Од Еколошкото востание порачаа дека пред да се укинат сите дозволи, се што е потпишано мора да и биде достапно на јавноста.