Активно се работи на дополнително подобрување на условите за инвестирање, како и на создавање уште подобра деловна средина за компаниите кои се дел од технолошко индустриските развојни зони, истакнал директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) Гоце Димовски при посета на Адиент Аутомотив во ТИРЗ Струмица.
Прес-службата на Дирекцијата за ТИРЗ денеска информираше дека Димовски и менаџментот на фабриката ги разгледале тековните активности, плановите за во иднина, како и можностите за раст и развој. Покрај ова, била реализирана и обиколка на производствениот погон.
Димовски посочил дека Дирекцијата за ТИРЗ и натаму продолжува со континуирана соработка со компаниите кои работат во зоните, со цел навремено да се согледаат нивните потреби и да се обезбеди соодветна поддршка во нивното работење.
– Од страна на менаџментот на фабриката, беше изразено задоволство од досегашната соработка со Дирекцијата за ТИРЗ, при што беа претставени тековните активности и идните планови и очекувања на компанијата – информира Дирекцијата за ТИРЗ.
Преку ваквата директна и отворена комуникација со инвеститорите, наведуваат во соопштение, Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со јакнење на партнерскиот однос, подобрување на условите за работа и поддршка на компаниите во нивните развојни планови.
