Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), го одбележа Денот на трудот – 1 Мај со протест во центарот на Скопје, во зградата каде што се наоѓаат нивните простории, според сите протоколи – со заштитни маски и потребното растојание.
– Кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а тие синдикатите здружени во ССМ бараат на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот придонес и труд – истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Дел од проблемите предизвикани од пандемијата со ковид-19 допрва ќе станат видливи, истакна Ирена Силјановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ, која побара од надлежните не само декларативни заложби, туку реално да обезбедат поголема заштита на работнички права и сигурни и безбедни работни места, поголема и социјална економска сигурност, како и инклузивност во процесот на креирање и имплементирање на младинските политики. Дотолку повеќе што, како што истакна, од вкупната бројка на лица кој остана без работа како резултат на кризата речиси 30 отсто се млади под 29 години.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) своите барања ги истакна пред Владата за што достави и првомајски манифест. Економската и социјалната положба на работниците е дополнително влошена за време на пандемијата, пред се поради тоа што голем број работници ги изгубија своите работни места, истакна Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Од КСС побараа итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, понатаму да се усогласат платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата, исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор, но и за работниците на кои ова право им е регулирано со колективните договори.