Работодавaчите треба да почнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15 од 1 јули до 31 декември парите од регресот треба да легнат на сметките на сите во приватниот сектор.

Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавачите. Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци. Просекот за последните 3 месеци за кои Државниот завод за статистика има објавено податоци (јули, август и септември) е 28.602 денари, што значи дека 40 отсто се 11.477 денари.

Кога работниците може да земат помал К-15?

Работниците може да земат и помал износ од 40 проценти од основицата, но само ако се покаже дека фирмата имала тешкотии при работењето. Но, токму оваа одредба минатите години беше многу критикувана, како од самиот Државниот трудов инспекторат, така и од Сојузот на синдикати, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите. Имено, со оваа одредба дури не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што според критичарите е многу недефиниран поим.

Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците.

Што ако работодавачот дал К-15 во јули, а работникот се вработил во мај?

Секој работник што работи во иста фирма 6 месеци, има право на К-15, дури и ако тој бил исплатен кога тој го немал направено тој стаж. Имено, ако некоја фирма исплатила К-15 во јули, а работникот се вработил на 1 мај, тој ќе си го добие регресот за тековната година, тогаш кога во истата таа година ќе направи стаж од 6 месеци кај истиот работодавач.

Работниците што на денот на донесувањето на Одлуката за исплата на регрес за годишен одмор не работеле шест месеци кај истиот работодавач, правото на регрес ќе го остварат во моментот кога ќе наполнат шест месеци, но останува висината што е утврдена и за другите работници со одлуката за исплата на регрес за годишен одмор. Право на надоместок на регрес за годишен одмор имаат и жените што користат отсуство поради бременост и раѓање, а се во работен однос 6 месеци кај ист работодавач во календарската година.

К-15 се пресметува како 40 проценти од просекот на трите последни просечни плати на ниво на држава објавени пред исплатата. Во моментов К-15 изнесува 12.000 денари, но доколку просечната плата продолжи да расте, сумата што треба да се исплати како регрес за годишен одмор до крајот на годината, ќе биде поголема.

К-15 треба да добијат и дел од вработените во јавниот сектор, односно вработените во управата и правосудството, општините…, зашто имаат потпишано Колективен договор, во кој е внесено и ова право. За останатите административци Сојузот на синдикатите води битка и подготвува штрајк, за да издејствува да го добиваат од наредната година.

Иако е период на голема криза и компаниите се жалат дека финансиски стојат сè полошо, претседателот на ССМ предупредува дека и годинава останува обврската за исплата на К-15 на сите кои им следува според колективен договор.

Од јануари до јуни оваа година преку каналите кои се на располагање, до Сојузот на синдикатите на Македонија пристигнале 4.404 пријави од работници на кои им било прекршено правото на регрес за годишен одмор утврдено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и со гранските колективни договори.

За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци па се до една година.