Скопје наскоро ќе добие нов и модерен Луна парк, како и целосно обновена Зоолошка градина, најави кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски. Тој истакна дека овие проекти се дел од неговите три основни приоритети: инфраструктура, хигиена и реформа на јавниот превоз.

„Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка“, напиша Ѓорѓиевски.

Луна паркот ќе биде современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, вклучувајќи ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност.

„Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Паркот ќе биде пристапен и за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео надзор и прва помош“, додава тој.

Паралелно, ќе започне и целосната обнова на ЗОО Скопје.

„Ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата, ќе се изгради центар за хипорехабилитација за деца со аутизам или церебрална парализа, а останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека целта на овие проекти е ЗОО Скопје да стане современа, едукативна и хумана институција која ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот.

„Обновата на Луна паркот и ЗОО Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот“, заклучи Ѓорѓиевски.