Внатрепартиските превирања во опозициската СДСМ добија нов интензитет откако претставниците на граѓанската иницијатива „Разговори за иднината во 12:05“ упатија остри критики до актуелното раководство на партијата. Нивната реакција доаѓа непосредно по јавните настапи и обвинувања изнесени од страна на партискиот кандидат за градоначалник во Брвеница, Јовица Радески.
Од иницијативата оценуваат дека однесувањето на раководните структури во партијата преминува во деструктивен модел на однесување, каде што целосно се избегнува личната одговорност за изборните резултати.
„Раководството на СДСМ сѐ повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо“, се наведува во соопштението на иницијативата.
Организаторите тврдат дека Радески бил подложен на силен партиски притисок за да одржи јавен настап и да упати критики кон своите сопартијци, наместо да се анализираат вистинските причини за поразот на теренот.
„Денеска го принудиле другарот Јовица Радески да излезе на прес-конференција само затоа што му честитавме за неговиот достоинствен настап на изборите. Барале од него да им ја докажува лојалноста. Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами, а приватно да се извинува“, порачуваат од „Разговори за иднината во 12:05“.
Тие упатија и јавен повик до раководството на Бихаќка да соопшти барем едно конкретно име и презиме на член на иницијативата што наводно вршел каква било агитација против партискиот кандидат во Брвеница.
„Ниту една принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години. Чесното членство сѐ помасовно се срами што актуелното раководство му слугува на Христијан Мицкоски“, заклучуваат од иницијативата.
Претходно, кандидатот за градоначалник Јовица Радески на прес-конференција изјави дека претставници од платформата „12:05“ директно работеле против него и повикувале на бојкот на гласањето. Радески исто така тврдеше дека гласачите на движењето ЗНАМ и на партијата Левица во Брвеница дале поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, со што директно му нанеле штета на изборниот резултат на СДСМ.
