Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да исполнуваме критериуми, да правиме сѐ што се бара од нас, но почетокот на преговорите и членството во Европската Унија не зависат од нас, нагласи денеска албанскиот премиер Еди Рама, во рамки на „Преспа форумот“ во Охрид, напоменувајќи дека европскиот пат е единствениот пат, но сепак одлуките се носат на ниво на Унијата со консензус. Според него, она што во овој момент му преостанува на регионот е да работи на јакнење на меѓусебната соработка.

Рама оцени дека земјите од Западен Балкан повеќе не треба да чекаат ЕУ да ги отвори вратите за членство, туку да ја засилат соработката во рамки на „Мини Шенген“ за подобрување на животот и економијата на регионот.

Според шефот на албанската влада, земјите од регионот мора да продолжат со неопходните реформи за Европската Унија и додаде дека ништо не ги спречува да ја засилат меѓу себе слободната трговија или да дозволат слободно движење на граѓаните.

Рама додаде дека, иако има конфликти меѓу земјите во нашиот регион, добро е што тие се решаваат преку дијалог и без пречки.

Овде не станува збор за пакување на Албанија и на Северна Македонија и испраќање до ЕУ. Станува збор за функционирање на нашите земји. Дали ќе бидеме дел од ЕУ, не е во наши раце. Не одлучуваме ние. Сепак, можеме да направиме многу работи. Можеме да работиме заедно во регионот за да ги подобриме нашите економии, да создадеме повеќе простор за нашите претприемачи, нашите млади луѓе,рече Рама.

Според него, најдобриот начин за подобрување на животот во регионот е отстранување на бариерите за луѓето, стоките и капиталот.