Албанскиот премиер Еди Рама, по насилните протести организирани од Сали Бериша, кусо реагираше на Инстаграм со изрека на светски познатиот актер Џон Вејн.
– Животот е тежок, но будалетинките го отежнуваат уште повеќе, е изреката што ја избра Рама за да ја коментира ситуацијата
Вчерашниот ден, според оценката на политичките аналитичари, е најцрниот ден за Демократската партија, бидејќи поддржувачите на Бериша кршеа прозорци и врати со цел да ја запоседнат зградата на партијата, а имаше и физички пресметки меѓу демократите од двете крила.
Протестот беше придружен со тензични ситуации поради што полицијата мораше да употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.
Поради видно тензичната состојба раководството на партијата и актуелниот лидер Љуљзим Баша побараа асистенција од полицијата, која веднаш интервенираше.
Толпата се повлече од пред седиштето на партијата и се упати кон зградата на Владата, која беше под силно полициско обезбедување, по што повторно се обиде да се врати пред партиското седиште, но полицијата им го попречи патот. Кусо потоа Бериша соопшти дека протестот е завршен, најавувајќи дека ова е само почеток.
Полицијата привела 33 лица, меѓу нив и малолетници, а лекарска помош добиле десеттина лица, меѓу нив еден новинар и еден полицаец.