Расколот во СДСМ вечерва веќе започна. Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи преку Фејсбук статус најави оставка. Коносителот на втората изборна единица го повика раководството да го направи истото.

„Одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата“, започнува Фатмир Фатиќи.

Објавата следува веднаш по прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. И Ковачевски најави дека ќе има одговорност, но тоа не го смири партиското членство.

„Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, пишува сега веќе поранешниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Фатмир Битиќи не е единствениот кој поднесе оставка и прикажа незадоволство. Имено, градоначалникот на Струмица Коста Костадинов кој е близок пријател на Зоран Заев јавно искажа незадоволство од Ковачевски.

Преку „ребус“ објавен на Фејсбук тој јасно дава дознаење дека не му се допаѓа она што е внатре во СДСМ. „Некои порази се подобри од победите“, напиша тој и суптилно кажа дека е незадоволен од Димитар Ковачевски.

Некои победи се полоши од поразите и обратно, некои порази се подобри од победите! Кој треба ќе разбере! Предавање, никако!, пишува Костадинов.

За незадоволство во партијата алудираше и Сања Лукаревска која вели дека СДСМ сериозно треба да се реформира.

Вечерашниот исход на СДСМ со само 18 пратеници е најслаб за оваа партија во историјата на независна Македонија.